Земјотреси во Албанија, почувствувани и во Македонија

Серија земјотреси регистрирани се утрово по осум часот со епицентри кои се наоѓаат на 100 километри југозападно од Скопје во Република Албанија и потекнуваат од епицентралното подрачје Дебар.

Како што потврди Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, од оваа серија земјотреси во западните и северозападните делови на земјава почуствувани беа пет со магнитуда до 4.4 степени по Рихтер и интензитет меѓу III и IV степени според Европската макросеизмичка скала.

Првиот бил регистриран во 8:05 часот со локална Рихтерова магнитуда од 3.4, вториот во 8:09 часот со магнитуда од 2.7, во 8:10 часот со магнитуда од 4.4, во 8:11 часот со магнитуда од 3.6 и во 8:14 часот со локална Рихтерова магнитуда од 2.6 степени.