Апсења на демонстранти во Судан

Протести во Судан

Суданските безбедносни сили извршија апсења на демонстранти по воениот удар, додека меѓународната заедница ги засили казнените мерки. Стотици демонстранти фрлаа камења врз безбедносните сили додека тие ги демонтираа уличните барикади во источниот кварт на Картум, јави АФП.

Во северниот дел на главниот град, безбедносните сили употребија солзавец и гумени куршуми врз десетици демонстранти. Министерството за информации кое е сè уште лојално на соборената влада соопшти дека безбедносните сили ја зајакнуваат контролата врз главниот град.

„Населбите и улиците се блокирани од оклопни возила и мажи кои носат пушки“, се вели во соопштението.

Суданските безбедносни сили уапсија тројца истакнати продемократски личности, изјавија нивни роднини и други активисти. Раководството на армијата, исто така, разреши шест амбасадори од нивните должности, според извештаите. Амбасадорите во Европската унија, САД, Кина, Франција, Катар и шефот на суданската мисија во Женева се разрешени од своите позиции, јави суданската државна телевизија.

Голем број судански дипломати го осудија военото преземање на власта и ја изразија својата солидарност со суданските демонстранти кои се спротивставија на пучот.

Меѓународниот притисок продолжува да се зголемува врз војската на земјата. Светска банка ја замрзна помошта, а Африканската унија го нарече пучот „неуставен“ и го суспендираше Судан поради државниот удар на 25 октомври.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера телефонски разговарал со суданската министерка за надворешни работи Маријам Садик ал-Махди, велејќи потоа на Твитер дека го осудува апсењето на цивилните лидери. Тие, исто така, разговарале за тоа како Соединетите Држави можат најдобро да го поддржат повикот на суданскиот народ за враќање на транзицијата кон демократија предводена од цивили.