Хонг Конг усвои построг закон за цензура на филмови

илустрација

Хонг Конг денеска усвои построг закон за цензура на филмови со кој се овластуваат властите да забранат филмови од минатото поради загрозување на „националната безбедност“ и да наметнат построги казни за какви било прекршувања во филмската уметност.

Властите презедоа сеопфатна акција за искоренување на критичарите од Пекинг по масовните и често насилни протести што го потресоа градот пред две години.

Новиот безбедносен закон наметнат од Кина и официјалната кампања наречена „Патриотите владеат со Хонг Конг“ оттогаш дискредитираа многу неистомисленици и го задушија демократското движење.

Играните и документарните филмови станаа една од многуте културни области кои властите се обидуваат да ги „исчистат“. Во јуни, градот објави дека цензорите ќе ги проверат сите нови филмови за да видат дали има содржина што го прекршува безбедносниот закон.

Законот усвоен денеска од градскиот законодавен совет, тело во кое сега нема опозиција, дозволува испитување на сите наслови на филмови за кои претходно е дадено зелено светло.

Тој го овластува генералниот секретар на Хонг Конг да ја одземе лиценцата за прикажување на претходните и актуелните филмови за кои се смета дека се „спротивни на интересите на националната безбедност“.