СДСМ ќе го поддржи Рамиз Мерко, Заев вели се поправил

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во општините каде кандидатите на коалициските партнери на социјалдемократите ќе се соочат со кандидати од опозициските партии во вториот изборен круг, СДСМ ќе даде поддршка на тие од коалицијата, меѓу нив и на Рамиз Мерко во Струга, за кого партискиот лидер Зоран Заев претходно изјавуваше дека се „изгореле“ што го поддржале на изборите во 2017.

„Во Струга даваме поддршка на Рамиз Мерко, во Кичево на Фатмир Дехари, во Гостивар на Невзат Бејта, во Чаир на Висар Ганиу и соодветно во другите општини. Исто како што ја очекуваме и ја добиваме поддршката од нашите коалициски партнери“, изјави Заев од Охрид.

На новинарско прашање зошто ќе го поддржат Мерко во Струга кога неодамна изјави дека е разочаран од него, Заев вели дека имало промена во работата.

Тој вели дека Мерко почнал со активности кои значеле рамномерно урбано развивање на градот и населените места без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Торбеши или други.

Во интервју за Радио Слободна Европа минатата година, Заев рече дека „се изгореле“ со поддршката на Мерко на локалните избори во 2017 година.