ДИК одби десетина приговори за првиот изборен круг од помалите партии, големите партии немаа забелешки

Aлександар Даштевски, претседател на ДИК

Државната изборна комисија на денешната седница ги одби сите шест приговори на Левица кои последни ги разгледуваше поради тоа што партијата во прилог не доставила материјални докази. Левица имаше поднесено шест приговори од кои четири за Штип и два за Кисела Вода.

Отфрлен е и приговорот на партијата Твоја поради тоа што е поднесен по рокот.

Претходно, членовите на ДИК со четири гласа „против“ и три „за“ го отфрли приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за избирачкото место 543 во Дебар.

Претставнилот на АА и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога.

Според Лога, записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО, но и дека претседателот на Одборот на избирачкото место на денот на гласање бил разрешен од ОИК Дебар, но продолжил да ја врши функцијата.

ДИК не го прифати ниту приговорот на Движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, а ги отфрли и приговорите на Демократската партија на Турците.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ги повлекоа своите приговори за првиот круг од гласањето на локалните избори.

Инаку на локалните избори што се одржаа во неделата вкупно 34 општини добија градоначалник во првиот круг од кои 22 се од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ доби девет. Во голем дел општини ќе се одржи втор изборен круг на 31 октомври