Експлозија во Дамаск, најмалку 13 загинати

Сцена од местото на експлозијата во Дамаск. 20 октомври 2021 година.

Најмалку 13 лица загинаа, а тројца се повредени во експлозија на уреди кои биле насочени кон автобус на сириската армија во центарот на Дамаск.

Снимките објавени на државната телевизија покажаа јагленисани остатоци од автобуска кабина.

Според извештаите на медиумите, две експлозивни направи биле активирани додека автобусот бил на мостот Хафез Ал Асад, а третата била деактивирана од инженери на сириската армија.

Иако Сирија веќе десет години е во граѓанска војна, ваквите напади во главниот град се ретки.

Овој напад е најсмртоносниот во централниот дел на Дамаск од март 2017 година, кога најмалку 31 лице загина во самоубиствен напад за кој одговорноста ја презема милитантната организација, т.н. Исламска држава (ИД).

Ниту една група се уште не објавила дека стои зад последната експлозија, но постојат сомневања дека е „Исламска држава“, која оваа годинава нападна воени возила во источна Сирија, пишува Би-Би-Си.

Сирија е уништена во конфликтот што избувна откако владата на претседателот Башар ал Асад насилно одговори на мирните продемократски протести во март 2011 година.

Според податоците на ОН, во борбите загинале најмалку 350.000 луѓе, а половина од населението ги напуштило своите домови, вклучително речиси шест милиони бегалци во странство.