Османи - Мнозинството е стабилно, нема потреба од нови избори

Министерот за надворешни раобти и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

Мнозинството е стабилно, нема да има нови избори и потреси, вели министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи. Тој вели дека во последниве 10 години секоја година има избори и дека нема потреба од нови.

„Тоа значи стискање пауза на работите во државата. Мислам дека нема да има нови избори и потреси. Пред нас се важни прашања, а мнозинството е стабилно“, рече Османи за емисијата „Утрински брифинг“.

Прашањето за ново парламентарно мнозинство повторно го покрена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерта по изборите, кога рече дека додека партиското раководство размислува за предвремени парламентарни избори можно е во меѓувреме да се формира ново парламентарно мнозинство. На тоа премиерот Зоран Заем му одговори дека тоа нема да се случи, оти, како што вели парламентарното мнозинство може да расте.

Во врска со изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека следно е претседател Албанец во земјава, Османи вели дека Ахмети не бил разбран соодветно.

„Ахмети зборуваше за еднаквоста како принцип, дека ниеден човек не може да биде исклучен“, вели Османи.

Тој оценува дека ДУИ постигна одличен резултат на изборите бидејќи, како што наведе, освоиле 130.000 гласа што е повеќе од 2017 година кога имале 89.000.