МНР - Споменикот на бугарските војници кај Кавадарци не е оштетен

Зградата на Министерство за надворешни работи

Министерството за надворешни работи излезе со реакција во врска со наводно оштетување на споменикот обележје за загинати 193 бугарски војници во Првата светска војна, во близина на трасата на експресниот пат Градско-Прилеп, делница „Фариш – Дреново“, Кавадарци.

Во реакцијата на МНР се наведува дека Управата за заштита на културно наследство и Јавното претпријатие за државни патишта направиле вонреден увид и констатирале дека главниот споменик се наоѓа во добра состојба, без оштетувања.

Во соопштението на МНР стои дека главниот споменик не потпаѓа под никаков режим на заштитен споменик или културно наследство. Понатаму се наведува дека околу споменикот постои земјоделско земјиште кое се обработува на начин што се заобиколува ова обележје и дека споменикот не е засегнат од какви било извршени градежни работи. Околу овој споменик нема гробишта или гробни места, а според увидот на терен, таквата состојба не се знае дали била различна во минатото. Околу 100 метра од овој споменик констатирано е дека има и втора помало обележје, чија меморија не е позната, велат од МНР.

„Со утврдената фактичка состојба од надлежните институции, сакаме да ги отфрлиме сите обвинувања кои се појавија во јавноста, притоа и да упатиме апел до сите инволвирани поединци и институции да бидат внимателни и да не наседнуваат на очигледни провокации чија интенција е да ги загрозат добрососедските односи меѓу двете земји, и напорите на двете Министерства за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на разликите“, стои во реакцијата на МНР.

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска ја коментираше и темата за уништените бугарски воени гробишта во Македонија. Тој рече дека случајот го истражуваат бугарското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана и истакна дека, според него, тоа претставува систематски процес на дебугаризација, процес на заживување на уништувањето на бугарското културно-историско наследство во Македонија.

Во меѓувреме репортерски тим на Бугарската национална телевизија, кој бил во посета на местото објави репортажа според која двата споменика во близина на Кавадарци на бугарските војници убиени во Првата светска војна, кои се оддалечени еден и пол километар еден од друг, се целосно недопрени.

Екипата на БНТ направила репортажа за да ја провери состојбата, откако ВМРО и Виктор Стојанов од Фондацијата Македонија објавија дека при изградбата на автопатот од Скопје до Штип, кој поминува покрај Кавадарци, биле уништени две воени гробишта.