Данецот кој уби петмина во Норвешка со лак и стрела преминал во ислам

Илустрација

Триесет и седумгодишен Данец, осомничен за убиство на пет лица во напад со лак и стрела во Норвешка, преминал во ислам и властите биле во контакт со него поради стравувањата од радикализација, соопшти денеска полицијата.

Две лица, меѓу кои и полицаец кој не бил на должност, беа ранети во вечерните напади на 13 октомври на различни локации во градот Конгсберг, 68 километри југозападно од главниот град Осло. Четири од неговите жртви се жени.

Шефот на регионалната полиција Оле Бредруп Северуд изјави дека полицијата последен пат била во контакт со него минатата година. Напаѓачот бил уапсен 35 минути по почетокот на нападот во еден супермаркет и бил испрашуван неколку часа во текот на ноќта.

„Претходно постоеја стравувања поврзани со радикализација“, изјави за новинарите Саверуд, додавајќи дека полицијата го следела во 2020 година.

Жртвите се на возраст од 50 до 78 години.

„Тие најверојатно се убиени откако тој избегал по првичниот судир со полицајците“, изјави Северуд.

По нападите, полицијата, која вообичаено е невооружена во Норвешка, доби наредба на национално ниво да носи огнено оружје.

Ова е втор голем напад во Норвешка по 2011 година кога десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе, од кои повеќето тинејџери во младински камп.