Солзавци и вакцини

ГЕРМАНИЈА / БЕЛОРУСИЈА - Германските власти соопштија дека протокот на мигранти кои пристигнуваат преку Полска и Белорусија е зголемен со повеќе од 4.300 илегални влезови во земјата од август, во услови на долготрајна криза во која Европската Унија го обвини Минск за вооружување на бегалците.

КОСОВО - Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека акцијата на косовската полиција, поради која населението на северот на Косово протестираше денеска, била насочена против шверцот на стоки во Приштина, Пеќ, Север и Југ Митровица. На протестите дојде и до судир со полицијата, а беше употребен и солзавец. Од Белград повикаа КФОР да ја смири ситуацијата.

ТУРЦИЈА - Москва и Вашингтон не ги исполнија своите ветувања дека ќе обезбедат повлекување на Единицата за народна заштита од сириската погранична област, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавошогл. Тој додаде дека Турција ќе направи се што е потребно за нејзината безбедност, истакнувајќи дека САД и Русија се одговорни за прекуграничните напади од сириската курдска милиција.

КУБА - Кубанската опозиција не се откажува од повикот за протест на 15 ноември, дури и по забраната од владата за собири и обвинувања дека тие предизвикуваат промена на режимот со поддршка на Вашингтон, пренесува агенцијата Франс прес.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче најави дека од 14 октомври ќе почнат да бараат согласност од родителите за спроведување на ковид-скринингот во училиштата. Станува збор за земање брис од деца како мерка за заштита од ширење на ковид пандемијата.

КОЛУМБИЈА / САД - Американските власти ги истражуваат можните случаи на т.н. синдром Хавана во Колумбија, неколку дена пред посетата на државниот секретар, пренесуваат американските медиуми.

ЧЕШКА - Чешкиот премиер во заминување Андреј Бабиш изјави дека чешкиот претседател Милош Земан наводно му рекол во неделата, непосредно пред да биде пренесен во болница на интензивна нега дека ќе му го довери мандатот за формирање нова влада иако е поразен од обединетата демократска опозиција.

ШПАНИЈА - Околу 800 жители на шпанскиот остров Ла Палма добија инструкции да се евакуираат поради лавата од вулканот што еруптира, објавија локалните власти. Службата за итни случаи на Канарските острови, на кои им припаѓа Ла Палма, преку Твитер објави дека издала наредба за евакуација на различни центри на западниот дел на островот, бидејќи се очекува лава да напредува од вулканот Кумбре Виеха.

САД - Претставничкиот дом на САД гласаше за привремено подигнување на плафонот на долгот на земјата, но Конгресот ќе мора да се врати на прашањето во рок од неколку месеци. За предлог-законот, кој беше спакуван со неколку други мерки, гласаа 219 наспроти 206 конгресмени.

ЕУ / ПОЛСКА - Европската унија ќе даде цврст одговор на пресудата на врховниот суд на Полска со која се оспорува приматот на правото на ЕУ, високиот претставник на Унијата Жозеп Борел. Тој ја повтори загриженоста на Европската комисија за минатонеделната пресуда, но не посочи какви чекори може да преземе за да се доведе Полска во линија.

САД - Официјални претставници на Белата куќа, кои се обидуваат да ги ослободат глобалните тесни грла во снабдувањето што ги гушат американските пристаништа, автопати и железници, предупредуваат дека Американците може да се соочат со повисоки цени и некои празни полици оваа Божиќна сезона. Кризата со снабдување, делумно поттикната од глобалната пандемија на ковид-19, претставува политички ризик за американскиот претседател Џо Бајден.