Ривалските страни во Либија потпишаа договор за повлекување на странските борци

Архивска фотографија: Либија - Борци лојални на Владата на Национален договор (ГНА) признаена од ОН. 13 април 2020 година.

Ривалските страни во либискиот конфликт потпишаа првичен договор за повлекување на странските борци и платеници од земјата зафатена од војна, соопштија посредниците на ОН.

Мисијата на ОН на 9 октомври соопшти дека 10-члената заедничка воена комисија со пет претставници од секоја страна, на крајот од тридневните преговори во Женева олеснети од ОН потпишала „постепен и балансиран“ договор за повлекување.

Специјалниот пратеник на ОН за Либија, Јан Кубис, рече дека договорот „одговара на огромното барање на либискиот народ и создава позитивен импулс кој треба да се надгради за да напредува кон стабилна и демократска фаза“.

Либија е во хаос и конфликт откако во востанието поддржано од НАТО пред една деценија, беше соборен долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи, што предизвика ривалски администрации на истокот и западот на земјата, секоја поддржана од разни надворешни лица и вооружени групи.

Земјата беше поделена меѓу Владата на Национален договор (ГНА) во Триполи поддржана од Турција и Катар, и источната администрација поддржана од Калифа Хафтар, чии меѓународни поддржувачи се Русија, Египет и Обединетите Арапски Емирати.

Во август, новинарско истражување донесе нови сознанија за „клучната“ улога на рускиот воен изведувач во граѓанската војна во Либија, вклучително врски со воени злосторства и руската војска.