Вучиќ: Србија има доволно струја и гас

Мораме да подигнуваме обновливи извори, но исто така се покажа дека донесовме паметна одлука да не ги затвориме нашите рудници на (јаглен) “, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека се покажало добро што Србија не се откажала од рудникот за јаглен и им вети на граѓаните дека ќе имаат доволно електрична енергија и гас.

Тој на прес-конференција на врвот на владејачката Српска напредна партија (СНС) со која тој раководи, рече дека прашањето за електричната енергија е сериозна тема.

„Мораме да подигнуваме обновливи извори, но исто така се покажа дека донесовме паметна одлука да не ги затвориме нашите рудници (јаглен)“, рече Вучиќ.

Речиси седумдесет проценти од електричната енергија произведена во Србија доаѓа од јагленот, односно од термоелектраните на јаглен.

Во ноември 2020 година, премиерката на Србија Ана Брнабиќ на самитот во Софија ја потпиша Декларацијата за Зелената агенда за Западен Балкан. Декларацијата предвидува земјите кандидатки за членство во Европската унија, како и членките на заедницата, до 2050 година да ја намалат употребата на фосилни горива и емисиите на штетни гасови (декарбонизација).

Светот и Европа се соочуваат со сериозен недостаток на енергија, поради што во многу земји е забележано рекордно зголемување на цената на гасот.

Вучиќ изјави дека Србија има најниска цена на електричната енергија за населението во Европа.

„Гледаме да им помогнеме на бизнисмените, разговараме со Стопанската комора на Србија. Како да им испорачаме поевтина струја“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија разговара и со САД, Емиратите и другите земји за тоа како да се зголемат капацитетите за производство на електрична енергија.

Тој додаде дека „нема да ги уништиме Колубара и Костолац“ - термоелектраните.

„И сега некои во Европа нарачуваат јаглен од Колумбија, а велеа „немојте јаглен“, додаде тој.

Што се однесува до домаќинствата, Вучиќ рече дека граѓаните не треба да се грижат ниту за гас, ниту за струја.

„Немаме намера да ја зголемуваме цената на гасот или електричната енергија“, рече тој.

Вучиќ додаде дека властите во Србија се грижеле за завршување на изградбата на гасоводот преку Србија „и покрај надворешните притисоци“, мислејќи на гасоводот „Турски тек“, кој е заеднички проект на Русија и Турција којшто треба да испорачува гас од Русија преку Црно Море до Турција, а потоа до Бугарија, Србија и Унгарија.

Вучиќ рече дека гасот е пуштен и дека во моментов се испорачува и транзитно до Унгарија. Претседателот на Србија исто така рече дека во овој момент државата има околу 250 милиони кубни метри гас во складиштето „Банатски Двор“. Тој додаде дека секој ден се складираат нови резерви.