ОН ќе именуваат специјален претставник за Авганистан

Илустрација

Советот за човекови права на ОН донесе одлука да именува специјален известувач за Авганистан, кој ќе ги испитува прекршувањата извршени од талибанците и другите актери вклучени во земјата зафатена од војната. За прифаќање на резолуцијата донесена од страна на Европската унија гласале 28 земји, а пет биле против, вклучувајќи ги Кина, Пакистан и Русија.

Четиринаесет држави од вкупно 47 членови на Советот биле воздржани. Резолуцијата на ЕУ предвидува специјалниот известувач да започне со работа во март и да му се придружат експерти на ОН за правни анализи, форензика и женски права. Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачелет веќе има мандат од Советот да ја следи ситуацијата до март.

Западот изрази сериозна загриженост за влошување на состојбата со човековите права, особено правата на жените, откако талибанците се вратија на власт во Авганистан во август по блиц офанзива низ целата земја во услови на избрзано повлекување на силите предводени од САД кои ставија крај до две децении меѓународно присуство таму.