Разрешен претседателот на украинскиот Парламент

Собранискиот спикер на украинскиот Парламент Дмитро Разумков.

Пратениците во украинскиот Парламент изгласаа смена на собранискиот спикер Дмитро Разумков, поради разликите меѓу него и владејачката партија „Слуга на народот“.

За разрешување на Разумков гласаа вкупно 284 пратеници, вклучително и 215 пратеници од владејачката партија.

Разумков беше член на партијата „Слуга на народот“ се додека не ја презеде функцијата претседател на Парламентот во 2019 година, неколку месеци откако беше избран претседателот Володимир Зеленски.

Собранискиот спикер отворено се спротивстави на брзото донесување на законодавство наменето за ограничување на влијанието на олигарсите врз политиката и бизнисот.

На 3 октомври, Зеленски јавно го критикуваше Разумков, велејќи дека тој повеќе не е член на неговиот тим, а владејачката партија го започна процесот за отстранување на Разумков од неговата функција.