Македонскиот претседател Стево Пендаровски кој престојува во официјална посета на Грција денескаво Атина се сретна со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Како што информираа од претседателскиот кабинет Пендаровски оценил дека постои видно подобрување на билатералните односи меѓу двете држави по потпишувањето на Преспанскиот договор, со потенцијал за натамошно зајакнување на соработката во секое поле од взаемен интерес.
„Претседателот Пендаровски изрази уверување дека економската соработка треба да биде темелот на односите меѓу двете држави, имајќи ги предвид придобивките за економиите на двете страни. Во таа насока, беше истакната потребата за натамошен развој на инфраструктурното поврзување меѓу двете држави“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека Пендаровски изразил благодарност за силната поддршка што Грција ја дава за апсирациите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, оценувајќи дека деблокадата на процесот ќе придонесе за стабилноста и напредокот на целиот регион.
Ова е прва посета на македонски претседател на Грција од независноста од 1991 година. Досега посетите на ниво на шефови на држави беа замрзнати поради повеќедеценискиот спор за името кој се реши со Договорот од Преспа потпишан на 17 јуни 2018 година. Тој денеска се сретна и со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.