Достапни линкови

Пендаровски-Сакеларопулу: има уште за исполнување од Договорот од Преспа


Атина- македонскиот претседател Стево Пендаровски и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, 05.10.2021

Договорот од Преспа, неговата целосна и доследна имплементација, можностите за продлабочување на билатералната соработка беа темите на кои се осврнаа претседателите на Северна Македонија и на Грција Стево Пенадровски и Катерина Сакеларопулу во Претседателската палата во Атина.

Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски е прв македонски претседател кој е во официјална посета на Атина по осамостојувањето на земјата во 1991 година. Досега посетите на ниво на шефови на држави беа замрзнати поради повеќедеценискиот спор за името кој се реши со Договорот од Преспа потпишан на 17 јуни 2018 година.

Повеќе од три години по неговото потпишување и две и пол години по стапувањето во сила, Пендаровски во Атина го дочека грчката претседателка Катерина Сакеларопулу. Таа ја истакна важноста што Грција ја дава „за зајакнување на билатералните односи и за европската перспектива на Северна Македонија“.

“Ќе се согласите дека целосно, доследно и со добра волја применување на Договорот од Преспа е клучно за постигнување на овие две цели. Веќе поминаа две и пол години откако Договорот од Преспа стапи во сила. Препознаваме дека од страна на Северна Македонија се направени позитивни чекори, но сепак постојат доста нерешени прашања. Затворањето на овие отворени прашања ќе овозможи понатамошен развој на нашата соработка“, рече Сакеларопулу и додаде дека од грчка страна ги разгледуваат сите аспекти на билатералната соработка.

Претседедателот Пендаровски се согласи со констатацијата на грчката колешка дека многу работи се направени во изминатите две и пол години.

„Јас би рекол најголемиот и најтешкиот дел се имплементирани. Се разбира има уште неколку работи што треба да се завршат и како што реков ние имаме апсолутно јасна политичка волја и намера да го завршиме тој договор до последната буква. Преспа нас ни овозможи да влеземе НАТО и следната наша цел за која ја очекуваме вашата поддршка е да почнат преговори со Европската Унија и да го заокружиме тој наш евро-атлантскиот сон“, нагласи Пендаровски.

Атина- македонскиот претседател Пендаровски e прв кој е во официјална посета на Грција по осамостојувањето на земјата во 1991 година
Атина- македонскиот претседател Пендаровски e прв кој е во официјална посета на Грција по осамостојувањето на земјата во 1991 година

И на денешната средба во Атина, но и во претходните интервјуа за грчките медиуми претседателот ја спомена македонско-грчката комисија составена од експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Пендаровски неделава како позитивно наведе дека македонско-грчката комисија составена од експерти за историски, археолошки и образовни прашања има направено напредок, а препораките треба да се спроведат и од двете страни.

Таа комисија во Договорот од Преспа е именувана како заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања. Експертското тело беше формирано во септември 2019 година а претседателот на македонскиот тим Виктор Габер за Радио Слободна Европа вели дека досега одржале шест состаноци, за четири имаат потпишано и записници со грчките колеги, а за два го немаат сторено тоа поради технички причини, средбите биле онлајн па ќе ги состават записниците кога ќе се видат во живо.

„Ние работиме да дојдеме до препораки, а препораките потоа ги остваруваат владите. Ние се уште не сме дошле до препораки“, вели Габер.

Тој, објаснувајќи го принципот врз кој работат вели дека историските факти не може да се менуваат, но дека многу е важно како се интерпретираат.

„Работиме на конкретни формулации за утре кога учениците ќе читаат да не се мразат преку граница“ , вели Габер.

Тивка работа на комисијата

Нивната работа е дефинирана и во самиот Договор од Преспа. Имено, во членот 8 став 5 се наведува дека комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа.

„За оваа цел, Комитет ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали“, се наведува во Договорот од Преспа.

Инаку додека за македонско-бугарската заедничка комисија за историски и образовни прашања постојано има тензии во јавноста предизвикани од несогласувањата внатре меѓу македонскиот и бугарскиот тим, за комисијата со Грција ретко се зборува. Габер вели дека деталите не ги кажуваат јавно затоа што би предизвикале дневно-политички препукувања што би ја отежнало нивната работа во собирање на аргументи со кои ги застапуваат своите позивии.

Таа не беше тема ниту на средбата на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас со неговиот македонски колега Бујар Османи кон на крајот на август во Скопје. По состанокот Дендиас рече дека е задоволен од спроведувањето на договорот, а Османи дека тоа е жив процес.

Трите нератификувани меморандуми

Грција всушност ги нема ратификувано трите меморандуми кои на втори април 2019 година ги потпишаа министри од двете земји при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас на Скопје.
Конкретно се работи за меморандуми кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на воздушниот простор.

Летото кога беа потпишани се смени власта во Грција, па премиер стана Кирјакос Мицотакис од Нова демократија, партија која кога беше опозиција жестоко се противеше на договорот од Преспа, а сегашниот опозиционер Ципрас минатиот месец рече дека Мицотакис не се охрабрува да ги донесе за ратификација во парламентот бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група.

Претседателот Пендаровски во интервју за грчкиот весник То Вима оцени дека ратификацијата е од клучно значење за промоција на економската соработка меѓу двете земји.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG