Од Илинденска до Фејсбук

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски за МИА вели дека не гледа причина за поскапување на електричната енергија за домаќинствата иако цената на светските берзи се зголеми на 140 до 150 евра за мегават час и порачува дека актуелната цена ќе остане најмалку до крајот на декември.

САД - Ефективноста на вакцината на Фајзер / Бионтек против ковид инфекцијата опаѓа со текот на времето, паѓајќи од 88 проценти во првиот месец по целосната вакцинација на 47 проценти по 5 месеци, се наведува во најновата студија објавена во медицинскиот весник Лансет.

ШВЕДСКА - Нобеловата награда за физика годинава ја делат тројца научници - Шукуро Манабе, Клаус Хаселман и Џорџо Париси, за нивниот иновативен придонес за разбирање на комплексните физички системи.

МАКЕДОНИЈА - Злоупотребата на постапката за изборот и акредитирањето на амбасадорите од страна на претседателот на Комисијата за надворешни работи во Парламентот навистина претставува крупен проблем за државата, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција денеска во Владата.

АВГАНИСТАН - Амнести интернешнл денеска соопшти дека талибанските сили убиле 13 етнички Хазари меѓу кои и 17-годишна девојка. Убиствата се случиле две недели откако исламистичката група ја урна авганистанската влада која беше поддржана од западните земји.

МАКЕДОНИЈА - Во Основното јавно обвинителство Тетово доставен е извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи. Согласно издадената наредба од Основното јавно обвинителство Тетово, вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

РУСИЈА - Операторот на рускиот гасовод Северен поток 2 почна со полнење на гас на контроверзниот капацитет кој поминува низ Балтичко море до Германија. Северен поток 2, компанија со седиште во Швајцарија која е во сопственост на подружница на рускиот гигант Газпром, во соопштението испратено на 4 октомври наведува дека првиот дел од гасоводот постепено се полни.

ТУРЦИЈА / ИРАН - Турската армија окупираше голема база на курдски активисти во северен Ирак, соопшти Министерството за одбрана.

ГРУЗИЈА - Неколку илјади демонстранти се собраа пред затворот во грузискиот град Рустави, барајќи ослободување на поранешниот претседател Михаил Саакашвили. Основачот на сега водечката опозициска партија во Грузија, ја напушти таа земја во 2014 година и стана државјанин на Украина, по што беше осуден во отсуство на шест години затвор за корупција. Тој се врати во Грузија пред локалните избори минатата недела, со цел да ги мотивира опозициските гласачи, но беше уапсен штом објави на социјалните мрежи дека се вратил дома.

САД - Фејсбук соопшти дека неговите услуги делумно се враќаат на интернет по шестчасовен прекин што ја запре комуникацијата за милијарди корисници, вклучувајќи ги и апликациите на социјалниот медиум, Инстаграм, Месинџер и Ватсап. Фејсбук соопшти дека услугите се враќаат на интернет, но оти може да потрае неодредено време за целосно да стартуваат.