Столтенберг и Лајчак на средба во Брисел за ситуацијата во северно Косово

Косовските специјални единици во Јариње, во близина на границата меѓу Србија и Косово, 28.09.2021

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел разговараше со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, за аранжманот за деескалација на тензиите во северно Косово и рече дека „НАТО и ЕУ имаат заеднички интерес за трајно политичко решение во регионот".

„Мисијата на КФОР предводена од НАТО ќе продолжи да обезбедува сигурна и безбедна средина и слобода на движење. НАТО и ЕУ имаат заеднички интерес за трајно политичко решение во регионот”, напиша Столтенберг на Твитер, објавувајќи фотографија од средбата со Лајчак.

Лајчак денеска присуствува и на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел. Вчера, по постигнувањето на договорот меѓу Србија и Косово, НАТО објави дека мисијата на КФОР ќе игра фундаментална улога во обезбедувањето негова ефикасна имплементација, пренесува Бета.

Белград и Приштина постигнаа договор на 30 септември за деескалација и понатамошни чекори за решавање на кризата во северно Косово, предвидувајќи специјални косовски полициски единици да се повлечат од премините Јариње и Брњак на 2 октомври и истовремено косовските Срби да ги отстранат барикадите.

КФОР ќе распореди своите сили на премините Јариње и Брњак пред почетокот на истовремената акција и ќе остане таму две недели, додека од 4 октомври, како привремена мерка, режимот на налепници на табличките ќе се применува се до постигнувањето трајно решение.

Исто така, планирано е формирање работна група со претставници на Европската унија, Белград и Приштина, чија цел ќе биде да се најде трајно решение за прашањето на регистарските таблички.