Закани, договори и родендени

ГЕРМАНИЈА / ПОЛСКА - 96-годишна поранешна секретарка на СС командант во нацистички концентрационен логор, ќе оди на суд на 30 септември во северниот германски град Ицехо, што е една од првите жени вмешани во злосторства од нацистичката ера која ќе биде гонета по поминати децении. (Фотографијата е од инспекција спроведена од нацистички војник во еврејско Гето во Варшава, Полска, април 1943)

МАКЕДОНИЈА / СРБИЈА / АЛБАНИЈА - Годишнината од формирањето на регионалната иницијатива Мал Шенген, која оттогаш е преименувана во Отворен Балкан, се одбележа без присуство на тројца нејзини најголеми застапници - српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев.

КОСОВО / СРБИЈА - Белград и Приштина постигнаа договор за решавање на кризата во северно Косово, објави денеска на Твитер европскиот специјален претставник за дијалог Мирослав Лајчак.

ФРАНЦИЈА - Францускиот суд го прогласи за виновен поранешниот претседател Никола Саркози и го осуди на една година домашен притвор, во случајот за незаконско финансирање на кампањата поврзана со неговиот неуспешен обид за реизбор во 2012 година.

САД / СИРИЈА - САД не планираат да ги нормализираат или подобрат дипломатските односи со администрацијата на сирискиот претседател Башар ал Асад и не ги охрабруваат другите да го сторат тоа, соопшти Стејт департментот на 30 септември.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун рече дека е подготвен следниот месец да ја обнови жешката линија за комуникација со Јужна Кореја, но ги обвини САД дека предлагаат преговори без да се откажат од непријателската политика кон неговата земја, објави Ројтерс повикувајќи се на државната агенција КЦНА.

АВГАНИСТАН / ИТАЛИЈА - Италијанскиот премиер Марио Драги објави дека на 12 октомври ќе се одржи вонреден самит на земјите од Г20 за Авганистан, на кој ќе се разговара за хуманитарната помош и борбата против тероризмот во таа земја. Тој рече дека смета дека должност на најбогатите земји во светот е да направат нешто за да избегнат хуманитарна катастрофа.

РУСИЈА - Русија ја прогласи групата за мониторинг на протестите ОВД-Инфо, која одигра голема улога во документирањето на демонстрациите против Кремљ, како странски агент.