96-годишна поранешна секретарка на нацистички логор на суд во Германија

Илустрација: Портата „Arbeit macht frei“ (Работата ве ослободува) е сликана на местото на поранешниот нацистички германски логор Аушвиц. Фотографијата е направена на 25 јануари 2021 година.

96-годишна поранешна секретарка на СС командант во нацистички концентрационен логор, ќе оди на суд на 30 септември во северниот германски град Ицехо, што е една од првите жени вмешани во злосторства од нацистичката ера која ќе биде гонета по поминати децении.

Обвинетатата, чие име не беше објавено во согласност со германските закони за приватност, беше широко идентификувана од германските медиуми како Ирмгард Фурхнер.

Таа е обвинета за соучество во убиства на повеќе од 10.000 луѓе во логорот Штутхоф во окупираната Полска за време на Втората светска војна.

Државниот суд во соопштение наведе дека осомничената „наводно им помагала и ги поддржувала одговорните во логорот во систематското убиство на затворениците од јуни 1943 до април 1945 година, во нејзина функција како стенограф и дактилограф во канцеларијата на командантот на логорот“.

На обвинетата ќе и се суди пред малолетнички суд бидејќи во времето на наводните злосторства била помлада од 21 година.

Случајот се потпира на германскиот правен преседан воспоставен во случаи во текот на изминатата деценија дека секој што помогнал во функционирањето на нацистичките логори на смртта, може да биде гонет за помагање на извршените убиства, дури и без докази за учество во одредено кривично дело.

Во најновата пресуда, поранешниот чувар на СС, Бруно Деј, минатата година беше прогласен за виновен на 93-годишна возраст и доби двегодишна условна казна.

Во посебен случај, на 100-годишен старец ќе му се суди следната недела во Бранденбург за наводно служење како нацистички СС чувар во концентрационен логор во близина на Берлин за време на Втората светска војна.