Од Канарските острови лавата стигна до Атлантскиот океан

илустрација

Топла црвена лава од вулканот што го опустоши шпанскиот остров Ла Палма стигна до Атлантскиот Океан, девет дена откако почна да тече по планината, уривајќи згради и уништувајќи посеви. Големи облаци од бела пареа се кренаа доцна синоќа од областа Плаја Нуева кога лавата го допре океанот.

Официјални лица рекоа дека истурањето лава во водата може да предизвика експлозија и да подигне облаци од токсични гасови, а службата за итни случаи на Канарските острови апелираше до луѓето што се на отворено, веднаш да најдат засолниште.

Нема информации за повредени.

Лавата почна да тече по западната падина на вулканот Кумбре Вијеха кон океанот и оттогаш уништи речиси 600 куќи и плантажи со банани на островот кој е дел од Канарските острови во близина на северниот брег на Африка.

Шпанија вчера прогласи зона на катастрофа на Ла Палма, што е потег што ќе овозможи испраќање финансиска поддршка на овој остров.

Владата го објави првиот пакет од 10,5 милиони евра, кој вклучува околу пет милиони евра за купување куќи, а остатокот е за набавка на мебел и основни предмети за домаќинството, соопшти владината портпаролка Изабел Родригез.