Прва фаза, втора половина, трета доза...

МАКЕДОНИЈА - Се препорачува трета доза на вакцина против ковид-19 за луѓето над 60 години, како и за здравствените работници и за хронично болните, без разлика на која возраст се, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Третата доза ќе биде од Фајзер, без разлика со која вакцина лицето претходно е вакцинирано со две дози.

АВГАНИСТАН - Репортери без граници соопшти дека листата на правила што владата предводена од Талибанците бара од авганистанските новинари да ги почитуваат го отвора патот кон цензура и прогон, со што се зголемува меѓународната загриженост за слободата на медиумите во Авганистан.

РУСИЈА - Загинале сите шест членови на екипажот на авионот што се урна за време на технички лет во рускиот далечен источен регион Хабаровск.

МАКЕДОНИЈА - Сите заеднички продолжуваме будно да ја следиме состојбата со ковид во училиштата, која засега е стабилна и верувам дека со доследно почитување на мерките, училиштата ќе останат безбедни и што подолго отворени за учениците, рече денеска министерката за образование Мила Царовска. Таа денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола.

КАЗАХСТАН - Полицијата во Казахстан ја затвори истрагата што ја водеше против двајца новинари кои беа дел од истрагата за смртоносните експлозии на муниција минатиот месец. Тие беа осомничени дека ширеле лажни вести. Поради експлозиите во магацини за оружје, министерот за одбрана Нурлан Ермекбаев си даде оставка.

АВГАНИСТАН - Талибанците вршат широко распространети и сериозни прекршувања на правата на жените и девојчињата во авганистанскиот град Херат, велат здруженијата за човекови права. Тоа предизвикува сериозна загриженост дали водството на талибанците во Кабул е подготвено да ги контролира дејствата на своите членови низ Авганистан.

ЛУКСЕМБУРГ - Луксембург веќе 30 години бележи највисока стапка на моторизација меѓу членките на ЕУ, објави Евростат по повод вчерашниот Светскиот ден без автомобили. Во 2019 година, Луксембург имаше 681 патнички автомобили на 1.000 жители.

ФРАНЦИЈА / САД - Францускиот претседател Емануел Макрон следната недела ќе го врати својот амбасадор во Соединетите држави, откако претседателот Џо Бајден се согласил дека консултацијата со Франција пред да го објави безбедносниот пакт со Австралија можело да спречи дипломатски спор, соопшти кабинетот на Макрон.