Талибанците бараат да се обратат на Генералното собрание на ОН

Талибанците побараа да се обратат до светските лидери на состанокот на Генералното собрание на ОН оваа недела во Њујорк , што наиде на скептицизам од меѓународната заедница.

„Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, доби писмо од Талибанците во кое бараат учество во дебатата на високо ниво“, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дујарик.

Писмото датира од 20 септември, ден пред почетокот на Генералното собрание на ОН, и било потпишано од вршителот на должноста министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки.

На овој чекор отворено се спротивстави Германија, чиј министер за надворешни работи Хајко Мас рече дека „шоуто“ на новите владетели во Авганистан нема да има никаква цел.

„Да се закаже шоу во Обединетите нации нема да служи за ништо. Она што е важно се конкретните дела, а не само зборовите“, рече Мас.

Талибанците сега се сметаат за де факто владетел на Авганистан од меѓународната заедница, но многу земји се уште не ја признаваат владата за легитимна.