ССМ бара да престанат политичките игри и да се донесат измените за недела неработен ден

Сојуз на синдикати на Македонија ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска повторно ги повика пратениците да ги изгласаат измените на Законот за работни односи со кои недела треба да биде прогласен за неработен ден.

„Апелираме пратениците да се пребројат и прекалкулираат уште еднаш, што тие губат и каква штета на работникот му прават, а воедно каква штета си прават и тие самите. Ги повикуваме сите кои му мислат лошо на работникот да престанат со политичките игри и пресметки на грбот на оние кои ги гласаат“, се вели во денешното соопштение од ССМ.

Измените на законот заглавија во собраниската комисија за труд и социјална политика, каде што вчера во вжештена политичка атмосфера не беа ни тема на расправа, иако беа ставени на дневен ред. Откако ќе поминаат на оваа Комисија, треба да бидат изгласани на пленарна седница. Предлогот недела да биде неработен ден треба да почне да се применува од 1 октомври.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не е коректно да се блокираат закони во Собранието и дека треба да се има одговорност пред граѓаните.