ЕУ загрижена за односот на Москва спрема опозицијата, НВО и медиумите

Жозеп Борел

Европската Унија изрази длабока загриженост поради односот на руските власти спрема опозицијата, цивилното општество и независните медиуми и ги повика да го променат односот.

Во изјавата по повод изборите во Русија, одржани од 17 до 19 септември, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел наведе дека ЕУ „забележала оти независни и сигурни извори пријавиле сериозни нерегуларности“.

„ЕУ жали што одлуката на Русија остро да ги ограничи големината и форматот на меѓународната посматрачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, го спречила нејзиното доаѓање“, истакна Борел.

Тој додаде дека пред изборите во Русија дошло до засилена репресија врз опозициските политичари, организациите на цивилното општество и независните медиуми и новинари.

„Сево ова придонесе за ограничување на изборот за руските гласачи и нивните можности да добијат целосни и точни информации за кандидатите“, се вели во реакцијата на Борел за изборите во Русија.