Нови ковид правила за влез на странците во САД

Претседателот Џо Бајден

Соединетите Американски држави од ноември воведуваат нови правила за влез во државата за странци. Администрацијата на претседателот Џо Бајден ќе бара од сите странски државјани пред да пристигнат во САД да бидат вакцинирани.

Координаторот за ковид -19 на Белата куќа Џеф Зинц, денеска ги објави новите правила според кои странците што летаат за САД ќе треба да покажат доказ за целосна вакцинација пред да се качат на авион, а треба да поседуваат и негативен тест за ковид, не постар од три дена пред летот.

Ќе се заострат правилата и за невакцинирани американски државјани, кои ќе треба да се тестирани еден ден пред да заминат од САД и пред да се вратат во земјата.

За целосно вакцинирани патници нема да се бара карантин, рече Зинц.

Новата политика заменува голем број услови за патување, кои првично ги воведе претходниот американски претседател Доналд Трамп, а потоа беа зајакнати од Бајден со кои се забрануваше влез на туристи, бизнис патници и сите останати категории без американско државјанство или легален престој, воведени со цел да се спречи ширењето на ковид -19. Со претходните правила беа забраниети летовите од Британија, ЕУ, Кина, Индија и други земји.

Зинц исто така рече дека американските здравствени власти од авиокомпаниите ќе побараат да собираат информации за патниците на меѓународните летови за да може полесно да се најдат контактите во случај на заразен.