Цивилна НАТО вежба во охридско-струшкиот регион

Логото на НАТО

Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24-ти овој месец ќе се одржува вежбата „Северна Македонија 2021“.

Како што беше најавено на прес-конференцијата за вежбата, станува збор за сценарио за справување со последиците од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата.

Главниот координатор на вежбата од НАТО Вим Ванхаме појасни дека се работи за цивилна, а не воена вежба.

„Безбедноста не се остварува само преку воени средства. Мисијата на НАТО подразбира безбедност на државите-членки во воени, но и во услови на кризи и природни несреќи. Активностите и вежбите на НАТО како „Северна Македонија 2021“ ни даваат можност да ја провериме подготвеноста на нашите цивилни капацитети за соочување и справување со кризи, но уште повеќе да ја промовираме и продлабочуваме регионалната соработка и интероперабилност. За Северна Македонија како организатор оваа вежба претставува потврда на нејзиниот успешен пат од парнерство до членство во НАТО, рече Ванхаме.

На настанот ќе учествуваат претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и неколку меѓународни организации.