Уште двајца приведени за протестот во Мала Речица, вкупно пет лишени од слобода

Протест во Тетово на кој роднини на загинатите во пожарот во модуларната ковид болница бараа побрзо да се реши случајот, 17 септември 2021

Тетовската полиција денеска приведе уште две лица поради учество во вчерашниот настан во Мала Речица кога група луѓе се обидоа насилно да поминат преку полициски кордон за да стигнат до седиштето на политичката партија ДУИ. Со тоа досега пет лица се лишени од слобода.

„Денеска претпладне се лишени уште две лица В.А (роден 1988) и А.Ш (1991) двајцата од Тетово. Петте лица се задржани во полициската станица во Тетово. Се документира случајот и во координација и консулатација со Јавен обвинител се изготвува соодветен поднесок“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Полициски службеници на СВР Тетово вчера лишија од слобода 52-годишник од Тетово и 31-годишник од Кичево, а вечерта и 33-годишник од Мала Речица поради нивна инволвираност во протестот.

Инцидентот следуваше по протестниот марш од плоштадот до општината со кој се побара одговорност за 14 лица кои ги загубија животите во пожарот во модуларната ковид болница кој се случи вечерта на Денот на независноста Осми септември. Група млади лица го продолжи маршот кон Мала Речица при што насилно се обидоа да го поминат полицискиот кордон. Притоа повредени беа четворица полициски службеници.