Протестен марш во Тетово, полицијата спречила поединци да влезат во седиштето на ДУИ

Macedonia-Protest in Tetovo in which relatives of the victims in the fire in the modular hospital demanded faster investigation, 17.09.2021

Околу илјада граѓани денеска одржаа протестен марш низ улиците на Тетово, барајќи целосно расчистување на случајот со пожарот во модуларниот ковид-центар во кој загинаа 14 луѓе. Протестот, кој беше најавен на социјалните мрежи, почна на градскиот плоштад, каде беа засадени 14 дрвца, во спомен на жртвите во трагедијата.

Бељуљ Бељуљи, чија сестра настрадала во пожарот побара одговорност од целата Владата и градоначалничката на Тетово, затоа што, според него, било одобрена работа на болницата без потребната документација.

„Да не не лажат да изгорат уште луѓе. Сакаме побрзо да се дознае. Мене сестра ми ми изгоре. Да умреше од болест не би дошол овде, било од Господа, ама таа изгоре. Никому да не даде Господ. Барам да се каже што е и како е работата со болницата. Не да не лажат, со недели, изјави Бељуљи.

Како што јавува нашиот дописник од Тетово Александар Самарџиев, групата демонстранти потоа се упатила кон зградата на Општина Тетово кон која фрлале јајца, а дел од нив извикувале навредливи пораки.

Пред присутните се обратил и Блерим Амеди од Кичево, познат во јавноста од 2019 година кога организираше протести против ДУИ, поради аудио снимките кои на социјалните мрежи ги објавуваше неговиот брат познат по прекарот Ел Чека. Во своето обраќање тој побарал одговорност од Владата за пожарот, а групата предводена од него продолжила кон седиштето на ДУИ извикувајќи разни пароли со навредлива содржина.

Дел од лицата се обиделе преку приватни имоти и дворови да стигнат пред зградата на ДУИ и насила да го пробијат полицискиот кордон, но сепак не успеале. Како што јавува нашиот дописник, поединци ги убедувале полицајците да им дозволат да отидат до седиштето на ДУИ, а во еден наврат бил спречен повторен обид насилно да ја поминат бариерата од полицајци. Потоа дел од групата се вратила кон Тетово и го блокирала сообраќајот на булеварите на излезот од градот кон Мала Речица.

Со реакција се јави Демократската унија за интеграција која го осуди „физичкото и вербалното родово насилство на протестот“.

„Политичката бруталност на албанската опозиција, изразена преку нејзината скриена рака не познава граници, ниту болка за семејствата на починатите кои за жал ги загубија животите во трагедија што досега не сме ја доживеале. Ова е уште еден доказ за обидите на опозицијата да добијат ниски политички поени во пресрет на локалните избори“, се вели во реакцијата на ДУИ.