Милановиќ-Црна Гора е заложник на незаинтересираноста на ЕУ

Црна Гора е заложник на незаинтересираноста на европската политика, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за време на посетата на црногорскиот колега Мило Ѓукановиќ. Миловановиќ предупреди дека геополитичкиот вакум на Балканот се искористува од земји како Русија, кои се против европскиот систем на вредности.

„Фактот дека нема војна, тоа што фала богу нема крв, не е причина да се држат луѓе како заложници. А Црна Гора во моментов е заложник на незаинтересираност, спазмичност на европската политика“, изјави Миловановиќ по средбата со Ѓукановиќ.

Тој смета дека напредокот кој Подгорица го постигна во преговорите за членство во Европската унија, отворајќи го и последното поглавје, во европските кругови не е наградена со диференцијација од другите земји кандидати на Западен Балкан, кои заостануваат во тој процес. Миловановиќ смета дека Црна Гора заслужува повластен третман и дека негова задача е да се „привлече внимание“ на тој факт, како и на неодамнешните етнички и верски тензии во соседната земја на Хрватска.

Црногорскиот претседател Ѓукановиќ истакна дека Подгорица „е погодена од дефицит на внимание од најважните европски политички адреси“, што создаде политички вакуум на Балканот.

„Русија денес не дејствува толку на територијата на Западен Балкан заради Западен Балкан, туку поради војната која ја води против европското единство и вредносниот систем. Суштинската порака што ја добиваме секој ден директно од Москва или преку нејзините сателити е дека нашиот избор за членство во НАТО и ЕУ не е добар геополитички избор“, вели црногорскиот претседател.

Црна Гора е членка на НАТО од 2017 година.

Ѓукановиќ пристигна во дводневна посета на Хрватска во услови на зголемени политички и етнички поделби во неговата земја, само еден ден откако црногорските опозициски партии, предводени од неговата Демократска партија на социјалистите, побараа формирање преодна влада која ќе распише парламентарни избори по устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски Јоаникије во Цетиње, кое беше проследено со насилни протести.