ЕУ критикувана за малата поддршка на бегалците од Авганистан

Луѓе од Авганистан влегуваат во авион.

Европската унија да ја зајакне заштитата на Авганистанците кои се обидуваат да ја напуштат својата земја откако талибанците ја презедоа власта минатиот месец, повикаа групите за човекови права и бегалци.

„ЕУ треба да ја споделува, наместо да избегнува одговорноста и да им понуди заштита“, се вели во заедничката изјава на Амнести Интернешнл, Каритас Европа и 22 други организации, објавена денеска.

Во соопштението се повикаат земјите членки на ЕУ да ги прошират начините за помош на луѓето на кои им е потребна заштита, дополнително на тоа да се понуди и програма за преселба на авганистански бегалци.

Засега нема реакција од ЕУ, чија Агенција за азил (EASO) денеска објави дека пет месеци по ред се зголемуваат барањата на Авганистанците за азил. Во јули, пред да падне владата, имало 7300 барања за азил. Од нив речиси 1.200 биле малолетници без придружба, наведува Агенцијата за азил на ЕУ. Повеќе од половина од апликациите во јуни биле одбиени.

Десетици илјади Авганистанци ја напуштија земјата откако талибанците ја соборија владата во Кабул поддржана од Западот пред еден месец.

Илјадници други луѓе сакаат да ја напуштат земјата зафатена од војна и погодена од суша.

Во Европа, дел влади, се загрижени дека може да се повторат настаните од 2015, кога над 1 милион бегалци дојдоа во Европа од Сирија и од други земји зафатени од конфликти и тешкотии.

Организациите за човекови права во соопштението наведуваат дека жалат за таквата реторика на европските лидери.

Во Иран и во Пакистан во моментов се наоѓаат речиси 90 отсто од раселените Авганистанци. Има на два милиони регистрирани бегалци од Авганистан.