Во судовите во Грција дозволен влез само со документ за ковид-19

Волонтери на Црвен крст мерат температура на луѓе пред за влезат во Суд во Грција.

За да се влезе во судовите во Грција од денеска задолжително треба да се има сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид-19 или резултат од негативен тест. Правилото важи и за , службениците и адвокатите и за граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за правда на Грција соопштуваат дека со почетокот од новата судска година, сите судови ќе работат регуларно, а за безбеден пристап неопходен е документ за ковид-19.

Исклучоци има за одредени итни случаи, кога наместо рапид или ПЦР тест, може да се покаже негативен резултат од селф тест.

Прописите важат за лица со наполнети 12 години, додека пак децата од четири до 11 години, може да влезат со потврда од негативен селф тест.

При влезот во судовите или службите, ќе се врши проверка на сертификатите, во печатена или електронска форма.

Грција во последните недели ги заостри мерките за невакцинираните луѓе. Тие не може да влезат во затворени угостителски објекти, спортски сали, објекти за култура и рекреација, музеи, археолошки локалитети. Задолжителна вакцинација има за медицинскиот персонал, а посебни правила ќе има и за невакцинираните вработени во државниот и приватниот сектор. Невакинираните ќе мора да прават брз тест доколку сакаат да патуваат низ Грција со јавен превоз.