Авганистанските фудбалерки побегнаа од Талибанците во Пакистан

ПАКИСТАН - Aвганистански фудбалерки пристигнаа во седиштето на Пакистанската фудбалска федерација (ПФФ) во Лахоре. 15 септември 2021 година.

Група врвни авганистански фудбалерки, нивните тренери и членови на семејствата избегаа преку границата во соседен Пакистан, во услови кога се отвораат прашањата околу статусот на жените спортистки под новоформираната влада предводена од Талибанците.

„Среќна сум што соопштувам дека денес повеќе од 79 млади фудбалерки и членови на нивните семејства успеаја безбедно да излезат од Авганистан“, напиша на Фејсбук Калида Попалзаи - поранешен капитенка на авганистанската женска репрезентација и основачка и директорка на невладината организација „Моќта на девојките“ со седиште во Данска.

Според Сардар Навид Хајдер, амбасадорка на невладината организација „Фудбал за мир“ со седиште во Лондон, меѓу фудбалерките имало членови на репрезентациите до 14, до 16 и под 18 години, кои ја поминале границата облечени во бурки покривајќи го целото тело.

Десетици спортистки на авганистанската женска фудбалска репрезентација и членови на нивните семејствата во август беа евакуирани во Австралија, додека десетици илјади Авганистанци, плашејќи се од одмазда и репресија, ја напуштија земјата откако Талибанците ја соборија владата во Кабул поддржана од Западот.

Кога Талибанците го наметнаа своето брутално владеење во Авганистан од 1996 до 2001 година, на девојчињата не им беше дозволено да посетуваат училиште, а на жените им беше забрането да работат, да добиваат образование и да спортуваат.

Тврдокорната исламистичка група сугерираше дека сега е поумерена, вклучително и во односот кон жените и девојчињата.

Спортски претставник во администрацијата предводена од Талибанците, на 15 септември рече дека лидерите на највисокото ниво на групата се уште одлучуваат дали жените и девојките ќе се соочат со ограничувања во спортот.