Осудениот Зоран Милески – Кичеец е преместен од отворено во полуотвореното одделение во Затворот Струга, информираат од Управата за извршување на санкции.
Како што појаснуваат оттаму, тоа значи дека тој повеќе нема да може да ги користи олеснувањата кои ги добиваат сите осудени лица во отворените одделенија, а причина за ваквата одлука е новата кривична постапка која се води против Милески.
Дополнуваат дека со ова решение тој ќе продолжи да ја издржува затворската казна и ќе биде достапен за истражните органи.
Милески е осомничен дека ја предизвикал сообраќајната несреќа во која загина 34 годишен гостиварец. Истрагата утврдила дека Кичеец додека бил на прекин од издржување на затворската казна, возел кон Скопје, но на патот Кичево - Гостивар претекнувал на полна линија, по што дошло до судирот меѓу неговиот и уште два автомобили.
Инаку тој се уште ја издржува 3-годишната затворска казна за случајот „Рекет“. Но, и покрај тоа користел погодности и бил на лекување заради тахикардија, а во тоа време ја предизвикал сообраќајната несреќа со жртва.