Косовските административци на работа само ако се вакцинирани или со негативен тест

Седница на Владата на Косово

Вработените во јавните институции, како и персоналот во претпријатијата и фирмите во сопственост на Владата и општините во Косово, од денеска треба да се вакцинирани, или да приложат доказ дека не се заразени од Ковид-19, за да им се дозволи влез во нивните работни простории, јави МИА од Приштина.

На лицата кои нема да приложат некој од потребните документи, нема да им се дозволи влез во работните простории, а отсуството од работа ќе се смета за неоправдано, по што ќе подлегнат на соодветни санкции предвидени со закон и со правилниците за работа, објави Владата.

Кабинетот на премиерот Албин Курти одлучи и да ги затвори детските градинки и да го одложи почетокот на наставата во основните и средните училишта, а оваа мерка ќе биде во сила до 26-ти овој месец, кога ќе се донесе нова одлука, согласно со состојбата со пандемијата.

Во наредните две недели продолжува да важи истиот режим за влез во Косово, што значи дека е потребно приложување сертификат за вакцинација или еден од доказите дека лицето не е заразено од Ковид-19.