Вкупно 13 илјади активни случаи на заразени со ковид -19 низ земјава

Macedonia - Vaccination against covid-19 in Skopje

Бројот на активни случаи во земјава изнесува 13.166 од кои најголем број 5731 се во Скопје. Втор град на листата со најголем број на активни случаи е Тетово со 1192 активни случаи, потоа Куманово со 859 и Гостивар со 726 активни случаи.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, во текот на вчерашното деноноќие при направени 5.362 тестирања регистрирани се нови 577 случаи со Ковид-19, 30 починати, 1010 оздравени пациенти.

Министерството за здравство во анализата на вакцинирани, посочи дека во период од 6 август заклучно со 9 септември на територија на државата 26.053 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 19 отсто биле целосно вакцинирани, односно 5175 лица.

Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, се вели во соопштението на Министерството.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84 отсто, додека само 16 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.

Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со Ковид-19, 591 пациент (87 отсто) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12 отсто) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, информираа од Министерството.
Министерството за здравство апелира на вакцинација и укажува дека секоја вакцина во земјава е безбедна и ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход.

Во државата вкупно се аплицирани 1.358.067 дози вакцини, а ревакцинирани се 603.795 граѓани.