Бугарски бегалец баран од неколку земји уапсен во Киев

Евелин Банев

Бугарски бегалец, баран во неколку европски земји, под обвинение за перење пари и трговија со дрога, е уапсен во Киев. Бугарското Министерство за надворешни работи потврди дека украинските власти го фатиле поранешниот борач Евелин Банев кој со години беше во бегство.

Националната полиција на Украина на 7 септември објави дека уапсила маж баран по известување на Интерпол, но не го откри неговиот идентитет.
Според полициското видео објавено на Јутјуб, Банев бил фатен на паркинг додека одел кон својот автомобил.

Бугарија соопшти дека работи на екстрадиција на Банев во Софија. 56 годишникот се соочуваше со судења во три земји за перење пари и трговија со дрога, кога последен пат беше виден во јавност на сослушување во Апелациониот суд во Софија во септември 2015 година.

Банев беше приведен во Бугарија во 2012 година и предаден на италијанските власти за судење во Милано. Во Букурешт, романските власти исто така бараа негова екстрадиција под слични обвиненија. Тогаш Италија му дозволи на Банев привремено да се врати во Софија во 2015 година за да присуствува на неговото судење.

Тогаш тој исчезна и е осуден во отсуство од италијанскиот суд на 20 години затвор, од романскиот суд на 10 и пол години, а од неодамна и од бугарскиот суд, сите за перење пари или криумчарење кокаин.

Швајцарските обвинители во декември го обвинија Банев заедно со Кредит Свис и еден од поранешните вработени во швајцарската банка, за наводно помагање во перење околу 39 милиони американски долари, пари од дрога, преку банката.