Германскиот министер Рот изрази сочуство за пожарот во Тетово

Пожар во ковид центарот во Тетово , 8 септември 2021

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот во објава на Твитер изрази сочуство до семејствата и блиските на жртвите во синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово.

„Страшна трагедија во Тетово во Северна Македонија. Наше длабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите кои ги загубија нивните животи. Нашите мисли се со повредените“, наведе Рот во објавата на Твитер.

Претходно денеска и Европската унија изрази длабоко сочувство за трагедијата. Сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот изразија и грчкото министерство за надворешни работи, турското министерство за надворешни работи, албанскиот премиер Еди Рама. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, телефонски разговараше со македонскиот премиер Зоран Заев и во име на српските граѓани изрази сочувство до семејствата на жртвите.

Пожарот синоќа избувна околу 21 часот и за кратко време целосно изгоре ковид центарот. Во гаснењето учествуваа над 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила. Пожарот е изгаснат за речиси половина час. Четиринаесет лица го загубија животот, а 12 се повредени.