Тепани, вакцинирани, парадирани...

АВГАНИСТАН - Талибанците се согласија да им дозволат на 200 американски граѓани и државјани на трети земји да заминат со чартер летови од аеродромот во Кабул. Новинската агенција Ројтерс повикувајќи се на високи американски дипломатски извори објави дека Исламистичката група била притисната од американскиот претставник во Авганистан Залмај Калилзад да дозволи заминување на уште една група странци. Талибанците ослободија од притвор и двајца новинари на авганистанскиот весник Етилаатроз, Немат Накди и Таки Дарјаби, кои во својата редакција ги покажаа раните на нивните тела, откако беа тепани и задржани со часови од талибанските борци, бидејќи известувале за протестот во главниот град на Авганистан.

МАКЕДОНИЈА - Компанијата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници Брако се огласи со соопштение по информациите во дел од медиумите и обвинувањата на опозицијата за неквалитетна изработка. Во соопштението е наведено дека БРАКО ДОО изразува најдлабоко сочувство за вчерашната трагедија во Тетово и ги отфрла како шпекулации информациите во некои медиуми дека има каква било поврзаност со несреќата во модуларната болница. По обвинувањата од опозицијата дека модуларната болница која изгоре во Тетово, се огласи и Министерството за здравство од каде велат дека сите модуларни болници биле изградени според потребните стандарди.

МАКЕДОНИЈА - Два дена попишувачите не изглегле на терен поради технички проблеми со системот за попишување, велат извори за Радио Слободна Европа. Пописот бил прекинат од понеделникот попладне поради потешкотии со системот, а веќе во вторникот системот за попишување целосно паднал, велат изворите за Радио Слободна Европа.

БУГАРИЈА - Привремениот бугарски премиер Стефан Јанев свика состанок на Советот за безбедност на земјата, објави прес центарот на владата. Тема на состанокот на Советот на министри на Бугарија ќе биде состојбата и капацитетот на системот за заштита на националната безбедност во контекст на очекуваниот нов бран мигранти.

РУСИЈА - Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко денеска во Москва се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. Ова е петта нивна средба годинава.

ГРЦИЈА - Грчкиот композитор Микис Теодоракис денеска беше погребан на островот Крит, по негово барање, објави Комунистичката партија на Грција.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја одржа ноќна парада по повод 73 -годишнината од основањето на републиката, објави државната новинска агенција КЦНА. Лидерот Ким Џонг Ун присуствуваше на настанот на плоштадот Ким Ил Сунг во главниот град Пјонгјанг.

ШВАЈЦАРИЈА - Светската здравствена организација (СЗО) ги повика богатите земји со изобилство резерви на вакцини да се воздржат од понуда на засилувачка доза до крајот на годината, и наместо тоа да им овозможат дополнителни дози на посиромашните нации.