Пендаровски: Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме

Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски во видео честитка до македонските граѓани вели дека Северна Македонија, може да напредува, само, ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина. Тој порача да сфатиме дека различниот од нас не е наш непријател, а политиката да ја разбереме како борба за идеи и концепти за подобро денес и утре, а не како борба на живот и смрт.

„Македонската државност е беа сомнение нашето најголемо заедничко историско постигнување. Денес, имаме привилегија да имаме своја, независна држава. Во исто време, имаме и голема одговорност – да вложуваме во неа за да биде достоен дом за секој од нас. Каква држава ќе изградиме, таква држава ќе имаме“, вели претседателот Пендаровски во своето видео обраќање по повод 30 години независност.

Тој истакна дека како мала држава, во денешниот глобален и немирен свет, не можеме да опстоиме без сојузници и пријатели. Според него интеграциските процеси беа, и сеуште се, и мотив и средство за постигнување на внатрешна кохезија и за достигнување на највисоките европски вредности.