Филипче: Спласнува ситуацијата со Ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче.

Трендовите на намалување на бројот на новозаразени со коронавирус укажуваат дека ситуацијата во овој момент спласнува, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Според него, добри знаци се тоа што вчерашниот број на заразени бил под 500, а додава дека индикатор е и намалениот број на прегледи на Инфективната клиника и хоспитализации во Тетово.

„На Инфективната клиника имаше просечно од 120 до 130 прегледи кога беше големиот притисок, сега се некаде околу 90. Нема повеќе голем број на пациенти кои се хоспитализирани во тетовската болница. Сега се 90 наспроти 120 кои беа претходно“, изјави Филипче.

Македонија од почетокот на август е зафатена со силен бран на новозаразени предизвикан од високо заразната делста врста на коронавирусот, со над 1.000 новозаразени дневно и десетици починати.

Кампањата за вакцинација и натаму трае, а досега селосно е вакцинирано околу 26 проценти од населението. Податоците покажуваат дека една доза имаат примено околу 35 отсот од населението, односно околу 730 илјади луѓе.

Филипче вели дека нема притисок во болниците каде што е висок опфатот на вакцинација, како во Кавадарци, Неготино, Охрид, Битола, Ресен и Гевгелија, но дека има голем притисок во градовите каде има низок процент на вакцинирани граѓани.

„Од вкупниот број пациенти кои се хоспитализирани, а вакцинирани најголем дел се со само една доза. Сепак е тоа потврда дека е потребно време да помине да се развие имунитетот. Со сите вакцини имаме хоспитализирани пациенти, имаме и со „Фајзер“ и со „Спутник“, имаме и со кинеската вакцина, имаме пациенти од странство кои се вакцинирале со „Модерна“. Значи, во тој дел нема некоја разлика“, изјави Филипче.

Тој зборуваше и за ситуацијата во училиштата, наведувајќи дека засега не гледаат дека училиштата се ризик во однос на епидемиолошката ситуација и за здравјето на децата. Тој посочи дека мал бројот на ученици кои се заболени.