Левица поднесе кривична пријава против директорот на Дирекцијата за заштита и спасување

Пожар во Пехчево

Политичката партија Левица извести дека поради пожарите кои ја зафатија Македонија минатиот месец и притоа предизвикаа значителна материјална штета, поднесена е кривична пријава против директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути. Кривичната пријава е поднесена поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“, со запретена затворска казна од три месеци до три години.

Според Левица, Максути со тоа што не обезбедил навремена проверка и сервисирање на противпожарните авиони и со тоа што не ги почитувал временски рокови за склучување на потребните договори за сервисирање на авионите, го отежнал процесот на планирање, организирање, финансирање и надзор за навремена превенција и отстранување на причините и последиците од природните непогоди. Со тоа, Максути го довел во прашање извршувањето на активностите и постапките кои се преземаат од инволвираните страни во процесот на организираното спроведување на заштитата и спасувањето од пожари, велат од Левица.

Како што пишуваше и РСЕ авионите за гаснење на пожарите на Дирекцијата за спасување беа приземјени оти не беа сервисирани. Во август земјава беше зафатена со неколку големи пожари. На помош во гаснењето дојдоа службите од соседството, од Романија и Франција.