Полицијата во Црна Гора со солзавец против демонстрантите, во тек церемонија за устоличување на Јоаникиј

Чаура од солзавец

Во манастирот во Цетиње во тек е литургија, после која митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј ќе биде устоличен.

Церемонијата во Цетиње ја следат тензии меѓу Србите и Црногорците во Црна Гора. Манастирот го обезбедуваат полицијата и припадници на специјалната антитерористичка единица. На плоштадот пред црквата претходно полицијата употреби солзавец за да се справи со демонстрантите по што тие се повлекоа во околните улички.

Противниците на устоличувањето на Јоаникиј уште од вчера поставија барикади околу Цетиње со цел да спречат свештенството да дојде во манастирот. Утрово патријархот на Српската православна црква, Порфириј и митрополитот црногорско-приморски, Јоаникиј, со хеликоптер пристигнаа во манастирот Цетиње. Автобусите со свештеници кои беа на пат за Цетиње се вратија во Подгорица.

Црна Гора - Повреден демонстрант за време на протестие против устоличувањето на Јоаникиј во Цетиње.


Полицијата на неколку локации употреби солзавец врз граѓаните кои протестираат против устоличувањето. Во инцидентите повредени се четири лица кои побарале помош во Општата болница во градот.

Во меѓувреме премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ објави дека е уапсен Веселин Вељовиќ, советник за безбедност на претседателот на државата поради немирите во Цетиње.
Вицепремиерот Дритан Абазовиќ објави видео на Твитер и напиша дека се гледа како Веселин Вељовиќ и група пратеници на ДПС го започнале нападот врз полицијата утрово.