Њујорк тајмс - Каталонските сепаратисти барале помош од Русија

Каталонско знаме

Каталонските сепаратисти побарале помош од Русија во обидот да се отцепат од Шпанија, објави Њујорк тајмс, повикувајќи се на разузнавачи извештаи.

Жозеп Луис Алеј, советник на поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон, кој е во егзил, најмалку два пати патувал во Москва во 2019 година за да се сретне со руски претставници и поранешни разузнавачи во обид да добие поддршка, пишува весникот, повикувајќи се на разузнавачки извештаи во кои имале увид.

Патувањата во Москва се случиле помалку од две години откога владата на Пучдемон одржа референдум за независност во октомври 2017 година кој заврши со огромна поддршка за независноста, со оглед на тоа што антисепаратистичките гласачи во голема мера го бојкотираа референдумот.

Шпанските власти го прогласија референдумот за незаконски и ги затворија оние политички лидери кои не избегаа во странство како Пучдемон.

Алеј и Пучдемон ги потврдија патувањата во Москва, за кои претходно не беше соопштено, но тврдат дека тие се дел од редовната комуникација со странски претставници и новинари.

Алеј за Њујорк тајмс изјавил дека секоја сугестија дека тој барал руска помош е „фантастична приказна креирана од Мадрид“. Против сепаратистите не се поднесени никакви обвиненија во врска со нивните средби во Москва.

Западните земји го обвинуваат рускиот претседател Владимир Путин дека се обидува да предизвика несогласувања на Западот со поддржувањето раздвојувачки политички движења, а поддршката на каталонските сепаратисти се вклопуваат во таа стратегија, пишува Њујорк тајмс.

Сепак, нема докази дека Кремљ им пружил помош на каталонските сепаратисти, пишува весникот.

Њујорк тајмс посочува дека тајната каталонска протестна организација „Демократско цунами“, која ги прекина операциите на аеродромот во Барселона и го прекина сообраќајот на главниот автопат кој ја поврзува Шпанија со Европа во 2019, се појави непосредно по патувањето на Алеј во Москва.

Се наведува дека, според разузнавачките извештаи, Алеј имал клучна улога во формирањето на организацијата, но тој ги негира обвинувањата.

Тој исто така негира дека само три дена по почетокот на големите протести во Барселона, главен град на Каталонија, тој разговарал за движењето за независност на средба со двајца Руси блиски до Путин. Тој го потврди состанокот со двајцата претставници, меѓу кои и полковник во руската Федерална служба за заштита, која се грижи за безбедноста на Путин, но вели дека само „учитиво“ ги поздравил на барање на неговиот руски познаник Александар Дмитренко.

Разузнавачките извештаи тврдат дека 33-годишниот Дмитренко, руски бизнисмен оженет со Каталонка, му помагал на Алеј да побара финансиска и техничка помош од Москва за создавање на банкарски, телекомуникациски и енергетски сектор одвоен од Шпанија.

Дмитренко побарал шпанско државјанство, но бил одбиен, поради неговите руски контакти, пишува Њујорк тајмс. Во одлуката се наведува дека тој „добива задачи“ од руските разузнавачи и исто така „работи различни работи“ за лидерите на рускиот организиран криминал.