Дванаесет министерки во новиот кабинет на Рама

Еди Рама, премиер на Албанија

Лидерот на албанските социјалисти и актуелен премиер, Еди Рама, на денешната седница на Националното собрание на партијата го соопшти составот на новиот владин кабинет.

Во него нема некои поголеми изненадувања околу имињата на членовите на владата „ Рама 3“, но ново е поголемата застапеност на министерки. Од 16 министерски места во дури 12 ќе седнат жени.

Рама одлучи заменик премиер да биде Арбен Ахметај, кој доаѓа на местото на Ерион Браче, кој пак го објави своето заминување пред неколку дена преку социјалните мрежи. Владата ќе има и четворица државни министри, сите жени.

Ова е трета по ред влада раководена од Рама, откако неговата партија победи на изборите на 25 април годинава. Според најавите за неа ќе се гласа на 10 септември, кога е закажана конститутивната седница на новиот законодавен дом.