Кон југоисточниот дел на САД патува најсилниот ураган од 1850 година

Жителите на Луизијана се подготвуваат за ураганот Ида

Ураганот Ида, кој се движи од областа на Карипското Море, се приближува кон југоисточниот дел на Соединетите Држави, поради што на жителите на државата Луизијана им беше наредена евакуација.

Националната метеоролошка служба на САД објави нови податоци за движењето на ураганот Ида и нагласи дека продолжува да се засилува кон Мексиканскиот Залив. Според најновите информации, ураганот Ида премина од категорија 3 во категорија 4, што создава предуслови за налети на ветер до 210 километри на час.

„Ураганот Ида може да стане уште посилен, а сателитските снимки покажуваат дека засилувањето на ураганот е неизбежно“, соопшти Националната метеоролошка служба.

Според прогнозите, бурата треба да го зафати копното вечерва, односно на16 -годишнината од ураганот Катрина, во кој животот го загубија повеќе од 1.800 граѓани.

"29 -ти август е важен датум во историјата овде. Многумина се сеќаваат на она што се случи пред 16 години. Време е вечерва да се сокриеме", изјави Колин Арнолд, директор на Канцеларијата за домашна безбедност и подготвеност за итни случаи во Њу Орлеанс.

Гувернерот Џон Бел Едвардс го предупреди населението за можните последици од ураганот.

„Ова ќе биде еден од најсилните урагани што го погодиле овој дел на Соединетите Држави од 1850 година“, рече Едвардс.

Во меѓувреме, официјалните лица наредија евакуација на десетици илјади жители на овој дел од Соединетите Држави. Во Њу Орлеанс, службениците наредија евакуација на сите граѓани кои живеат надвор од т.н систем за заштита.