Бајден: Терористите ќе ја платат цената

Американскиот претседател Џо Бајден изнесе забелешки за Авганистан, од Источната соба на Белата куќа во Вашингтон, САД 26 август 2021 година.

Терористите нема да не спречат, изјави американскиот претседател Џо Бајден во говорот од Белата куќа на 26 август, откако 72 лица, меѓу кои и 12 американски војници, загинаа во две експлозии во близина на аеродромот во главниот град на Авганистан.

Бајден рече дека САД ќе продолжат со евакуациите и дека наредил напади врз локациите на „Исламска држава во Авганистан“ (ИСИС-К). Бајден прецизира дека Соединетите држави мислат дека знаат кој го наредил нападот и дека „до нив ќе стигнат без обемни воени операции“.

„Овие терористи нема да победат. Ние ќе ги спасиме Американците и нашите сојузници. Ќе ги нападнеме терористите кога, каде и како сакаме“, истакна Бајден, додавајќи дека нема да им простат на оние што го извршија нападот во Кабул“.

„Нема да простиме, нема да заборавиме, ќе ве ловиме и вие ќе ја платите цената“, предупреди Бајден.

Тој рече дека САД мора да ја завршат мисијата.

Бајден посочи дека „Исламската држава во Авганистан“ (ИСИС-К) одзеде животи на американски војници и на многу цивили, додавајќи дека убиените припадници на американската армија се херои кои ги спасиле животите на другите“.

„Тие се дел од најнесебичната армија во светот, 'рбетот на Америка, најдоброто што оваа земја може да го обезбеди. Лути сме и нашите срца се скршени“, додаде Бајден.

Тој посочи дека загубените животи на американските војници биле положени за слободата и безбедноста на другите и на Соединетите држави.

На новинарско прашање дали ќе испрати дополнителни војници во Кабул, Бајден рече дека ќе го стори тоа доколку е потребно.

Тој повтори дека неговата администрација ја наследила ситуацијата и дека авганистанската армија се распаднала за 11 дена.

Што се однесува до позицијата на Талибанците, Бајден нагласи дека е во нивен интерес „Исламската држава во Авганистан“ да не напредува понатаму, додавајќи дека немало докази дека имало договор меѓу овие две милитантни групи за нападот.

Бајден истакна дека е заеднички интерес на САД и Талибанците американските сили да го напуштат Авганистан до 31 август.