Достапни линкови

Експлозии кај аеродромот во Кабул, десетици жртви и повредени


Повредени лица пристигнаат во болница во Кабул, Авганистан. 26.08.2021.
Повредени лица пристигнаат во болница во Кабул, Авганистан. 26.08.2021.

Десетици Авганистанци и американски војници се загинати и повредени во експлозии кои се случија кај аеродромот во Кабул, каде илјадници луѓе се обидуваат да стигнат до летовите за евакуација. Екстремистичката група Исламска држава (ИСИС - К) ја презеде одговорноста за нападите.

Најмалку 60 авганистански цивили се загинати во две експлозии во близина на аеродромот во Кабул, додека 140 се ранети објави авганистанското Министерство за здравство, пренесува „Гардијан“.

Загинати се 12 американски војници, а најмалку 15 се повредени, потврди генералот Френк Мекензи - шеф на американската Централна команда.

Тој на брифинг со новинарите во Пентагон рече дека по бомбардирањето следувало пукање и дека, додека армијата тагува поради смртта на нејзините припадници, евакуацијата од Авганистан продолжува.

Тој рече дека според проценките околу 1.000 американски државјани сѐ уште се во Авганистан.

Мекензи рече дека САД се подготвени да преземат мерки против одговорните за нападите во Кабул, додавајќи дека верува оти нападите ги извршила „Исламска држава во Авганистан“, група позната како „Исламска држава на провинцијата Корасан“ или (ИСИС-К).

Оваа организација денеска ја презеде одговорноста за експлозиите во Кабул, јавува агенцијата „Амак“ пренесува Ројтерс.

„Бомбаш самоубиец од „Исламската држава“ успеа да стигне до голема група соработници на американската војска во кампот Баран во близина на аеродромот во Кабул и активираше појас со експлозив, при што загинаа 60 луѓе, а повеќе од стотина беа ранети, вклучително и Талибанци“, се наведува во соопштението на оваа екстремистичка група.

Мекензи рече дека очекува нападите да продолжат.

„Во моментов нашиот фокус е на други исклучително активни закани за аеродромот“, рече Мекензи.

Тој додаде дека сѐ уште ги истражуваат точните околности на нападот.

Мекензи рече дека американската армија сега разговара со Талибанците за подобрување на безбедноста на аеродромот со проширување на безбедносниот кордон околу него.

„Ние им рековме дека мораат да продолжат да го прошируваат безбедносниот периметар. Идентификувавме некои патишта што би сакале да ги затворат. Тие рекоа дека се подготвени да ги затворат тие патишта, бидејќи проценуваме дека опасноста од самоубиствени напади во моментов е голема, затоа сакаме да ја намалиме можноста за некое од тие возила да се приближи“, рече американскиот генерал.

Тој посочи дека во областа има беспилотни летала, како и хеликоптери и авиони со добри системи за снимање при што експертите постојано прават проценка на заканите на местото на настанот.

Авганистанците во трка со времето на аеродромот во Кабул
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:39 0:00

Талибанскиот службеник Сухаил Шахин претходно изјави дека „потврдува“ дека имало две експлозии во областа каде што се собрале луѓе управувани од американските сили.

„Најостро го осудуваме овој ужасен инцидент и ќе сториме сѐ за сторителите да ги изведеме пред лицето на правдата“, додаде Шахин.

Талибанците не ги идентификуваа напаѓачите, но нивниот портпаролот ги опиша како „злосторничка банда“ која ќе биде потисната штом странските војници го напуштат Авганистан.

Денеска претходно, според првичните информации беше соопштено дека меѓу загинатите има и деца, изјави за Ројтерс официјален талибански претставник кој додаде дека исто така се повредени и многу членови на групата.

По денешните напади, хируршката болница во Кабул која е управувана од италијанска добротворна организација, соопшти дека примила повеќе од 60 ранети лица на лекување.

Ранети жени пристигнаа во болница на лекување по двете експлозии пред аеродромот во Кабул. 26 август 2021 година.
Ранети жени пристигнаа во болница на лекување по двете експлозии пред аеродромот во Кабул. 26 август 2021 година.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби соопшти дека оваа експлозија е дел од сложен напад којшто резултирал со жртви и дека имало најмалку уште една експлозија во или во близина на хотелот Барон, недалеку од портата на аеродромот.

„Можеме да потврдиме дека експлозијата кај портата Аби била резултат на сложен напад којшто резултираше со бројни американски и цивилни жртви“, напиша Кирби на Твитер.

Ројтерс, повикувајќи се на сведоци од лице место, јавува дека имало два одделни, но истовремени напади: еден од бомбаш самоубиец во близина на автобуси наредени пред влезот на портата Аби, каде експлозијата била придружена и со оган од малокалибарско оружје.

Вториот напад се случи на влезот Барон, кој е именуван по хотелот Барон кој се наоѓа во близина на аеродромот, според изворот кој наведува дека меѓу жртвите има и деца.

Медицински и болнички персонал доведоа повреден маж на лекување по двете силни експлозии пред аеродромот во Кабул на 26 август 2021 година.
Медицински и болнички персонал доведоа повреден маж на лекување по двете силни експлозии пред аеродромот во Кабул на 26 август 2021 година.

Извор запознат од брифинзите на американскиот Конгрес претходно изјави дека официјалните лица цврсто веруваат дека авганистанскиот огранок на „Исламска држава“, познат како „Исламска држава Корасан“ (ИСИС-К) според старото име за регионот, е одговорен за нападот. ИСИС-К е во конфликт со Талибанците, чии борци ја чуваат околината на аеродромот во Кабул.

Пентагон и турското Министерство за одбрана соопштија дека експлозијата што се случи на 26 август надвор од ѕидовите на аеродромот, довела до поголем хаос на местото на настанот во пресрет на крајниот рок на 31 август за завршување на повлекувањето на странските војници.

Областа околу единствениот меѓународен аеродром што функционира во Авганистан беше „неверојатно преполна“, изјави западен дипломат на аеродромот, во услови кога огромен број луѓе продолжуваат да пристигнуваат на и покрај безбедносните предупредувања.

Талибанците, чии борци ги чуваат областите во околината на аеродромот во кабул, се непријатели на авганистанскиот огранок на „Исламската држава“ познат како „Исламска држава Корасан“ (ИСИС-К), според старото име на регионот, пренесува Ројтерс.

„Нашите чувари исто така ги ризикуваат своите животи на аеродромот во Кабул и се соочуваат со закани од групата Исламска држава“, изјави талибански претставнијк кој зборуваше под услов на анонимност и пред извештаите за експлозијата, пренесува британската агенција.

Авганистан: Луѓе им ги покажуваат своите документи на американските војници пред аеродромот во Кабул. 26 август 2021 година.
Авганистан: Луѓе им ги покажуваат своите документи на американските војници пред аеродромот во Кабул. 26 август 2021 година.

Инцидентот се случи во време кога неколку западни земји објавија крај на нивните летови за евакуација, повикувајќи се на акутна опасност од напад, веројатно во рок од неколку часа.

Американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за експлозијата, изјави претставник на Белата куќа. Кога експлозијата за првпат е пријавена, Бајден беше на состанок со безбедносните службеници за ситуацијата во Авганистан, каде што САД ги преземаат последните чекори за да го завршат својот 20-годишен ангажман, вели лице кое има информации за случајот.

Западен дипломат во Кабул претходно изјави дека областите надвор од портите на аеродромот повторно биле „преполни“ со луѓе и покрај предупредувањата за потенцијален напад.

Луѓе чекаат надвор пред аеродромот во Кабул. 25 август 2021 година.
Луѓе чекаат надвор пред аеродромот во Кабул. 25 август 2021 година.

Бројни земји пред да се случат експлозиите посочија дека постои голема опасност од терористички напад на аеродромот во Кабул и ги предупредија своите граѓани, кои се во Авганистан, да не одат на аеродромот.

Австралија, САД и Обединетото Кралство издадоа предупредувања до своите граѓани. На оние што се веќе надвор од аеродромот им беше советувано веднаш да ја напуштат областа.

Повеќе од 82.000 луѓе беа префрлени со авиони од Кабул, а градот пред десет дена падна во рацете на Талибанците.

Земјите брзаат да ги евакуираат луѓето до 31 август.

Голем број луѓе се уште се пред портата на аеродромот во Кабул и покрај предупредувањата од САД и американските сојузници за можни напади од исламистички милитанти, изјави денеска западен дипломат на аеродромот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG