Американски војници меѓу загинатите во нападите пред аеродромот во Кабул

Медицинскиот персонал носи повредените по двете силни експлозии пред аеродромот во Кабул. 26. 08.2021.

Во двете експлозии кои денеска го потресоа аеродромот во Кабул, а за кои постојат сомнежи дека се извршени од страна на бомбаши самоубијци, загинаа неколку луѓе, меѓу кои и деца. Во нападот се загинати и повредени голем број на американски војници, според официјални претставници на САД.

Поради експлозиите на аеродромот во Кабул настана поголем хаос на местото на настанот, пред крајниот рок на 31 август кога треба да заврши повлекувањето на странските војници од Авганистан.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби во денешна изјава (26 август) рече дека „голем број американски војници се загинати во денешниот комплексен напад на аеродромот во Кабул“.

„Голем број други се третирани од повреди. Знаеме и дека голем број Авганистанци се жртви на овој грозоморен напад“.

Двата напади се случија во близина на портата Аби, каде што се собраа огромен број Авганистанци со надеж дека ќе фатат лет за излез од земјата зафатена од војна и покрај неколкуте безбедносни предупредувања.

Американски претставник за АП изјави дека неколку маринци загинале, а голем број други припадници на американската војска се повредени во нападот. Ројтерс повикувајќи се на неидентификувани извори јавува дека загинале најмалку четворица американски воени лица.

Според членовите на талибанската администрација, најмалку 13 лица загинале, а 52 се ранети.

Невладината организација „Итна помош“ објави дека најмалку шест лица биле донесени мртви во нивната болница во Кабул, заедно со околу 60 ранети.