Холандија, Белгија и Унгарија завршија со евакуациите од Авганистан

Сателитска снимка на меѓународниот аеродром во Кабул од каде што се вршат евакуациите

Три земји членки на НАТО, Холандија, Белгија и Унгарија ги завршија операциите за извлегување на нивните државјани и Авганистанците кои биле нивни соработници додека војниците на алијансата беа присутни во Авганистан. Крајниот рок за да се изврши евакуацијата е 31 август.

Притисокот за целосна евакуација на странците и Авганистанците се интензивира додека Соединетите Американски Држави и сојузниците апелираа денеска луѓето да се одалечат од аеродромот во Кабул каде што се врши евакуација поради закана од напад од Исламска држава врз западните војници.

Холандската влада соопшти дека ќе ги запре евакуациските летови од аеродромот во Кабул наведувајќи дека било болен момент што оставиле некои луѓе во Авганистан кој сега е воден од талибанците.

Белгискиот премиер Александер де Кро денеска рече дека земјата ги завршила своите евакуациони операции откако американски извори ја информирале владата за можен самоубиствен бомбашки напад во близина на аеродромот во Кабул. Де Кро на прес конференција кажа дека околу 1400 луѓе се евакуирани во Белгија, а последниот лет бил синоќа од Исмламабад.

Во Будимпешта унгарското министерство за одбрана соопшти дека завршиле со евакуацијата, а министерот за надворешни работи Петро Сијарто кажа дека во централно европската држава стигнале 500 луѓе од Авганистан.